Public Procurement

E-mail In this part of the CEFTA Web Portal you will find the most important information about public procurement in each CEFTA Economy. The information about public procurement includes but is not limited to: 1.Legal framework of the public procurement system in each Economy; 2.The procedures that need to be followed for awarding public procurement contracts; 3.The documents that have to be submitted in response to tender invitation; 4.Time allowed for the preparation and submission of offers; 5.Links and resources where you can access information on tenders as well as the public procurement processes. For more information or advice on applying for public contracts in each CEFTA Economy please refer to the public procurement part of that Economy.




Општо

Јавните набавки претставуваат процес на користење јавни средства од страна на владини и јавни институции на Република Македонија, заради добивање на надворешни ресурси и услуги, најчесто од комерцијални понудувачи. Јавните набавки во Република Македонија се уредени со Законот за јавни набавки (Службен весник на Република Македонија 24/12). Во Законот се содржани условите и постапките за јавни набавки од страна на владините и јавните органи. Надлежна институција за спроведување на законската регулатива во оваа сфера е Бирото за јавни набавки на Република Македонија (www.bjn.gov.mk), орган во рамките на Министерството за финансии.

Тендерски процедури

Договорот за јавна набавка може да биде договор за јавна набавка на стоки, договор за јавна набавка на услуги и договор за јавна набавка на работи. Договорите за јавна набавка се доделуваат со примена на отворена постапка, ограничена постапка, конкурентен дијалог или постапка со преговарање со претходно објавување на оглас. За помали набавки во вредност до 5000 евра се применува постапка на директно прибирање на понуди, а при избор на идејно решение, постапката вклучува конкурс. Отворената постапка подразбира право на секој економски оператор да поднесе понуда, додека при ограничената постапка, пријава за учество може да поднесе секој економски оператор, меѓутоа понуди доставуваат само избраните кандидати од страна на договорниот орган. Конкурентниот дијалог е форма на органичена постапка во која договорниот орган води дијалог со избраните кандидати во врска со решенијата што треба да ги содржат нивните понуди. Постапката со преговарање е исто така форма на органичена постапка во која договорниот орган со избраните кандидати преговара за условите на договорот, пред да ја донесе конечната одлука.

Јавните набавки може да се вршат индивидуално од страна на договорниот орган или може да спроведат како групна набавка за неколку институции која ја врши еден централен орган за набавка.  Постои можност за писмена рамковна спогодба помеѓу еден или повеќе договорни органи со еден или повеќе економски оператори за реализација на јавни набавки во определен временски период, посебно за производи и услуги што редовно се набавуваат (пр. телекомуникациски услуги).

Одлука за започнување на постапка за јавна набавка донесува договорниот орган, а постапката за јавна набавка ја спроведува комисија за јавни набавки, избрана од страна на договорниот орган.

Тендерска документација

Тендерската документацијата е збир на документи, информации и услови кои претставуваат основа за изготвување, доставување и оценување на пријавата за учество, односно понудата. Тендерската документација треба да содржи јасни и прецизни услови, критериуми и други неопходни информации за начинот на спроведување на постапката за доделување на договор за јавна набавка.

Тендерската документација особено содржи:

- општи информации за договорниот орган;
- упатства во врска со законските рокови и неопходните услови за учество во постапката за доделување на договор;
- критериуми и документација за утврдување на способноста на понудувачите за реализација на конкретната набавка;
- упатства во врска со изработка и поднесување на техничката и финансиската понуда;
- детална и целосна информација во врска со критериумите за избор на најповолна понуда;
- упатства во врска со правната заштита во постапка за доделување на договор за јавна набавка и
- банкарска гаранција и други специфични информации, согласно конкретната набавка.

Правните или физичките лица кои учествуваат во изработката или евалуацијата на тендерската документација не може да се јават во улога на понудувачи. Договорниот орган е должен да ја направи достапна тендерската документација на секој заинтересиран економски оператор на еден од следните медиуми - електронски, печатен или магнетен. Повеќе економски оператори може заедно да поднесат групна пријава во постапката за јавна набавка, при што нема потреба да бидат поврзани во законска правна форма. Во случај групната понуда да биде избрана како најповолна, договорниот орган може да побара економските оператори да се здружат во соодветна правна форма заради извршување на договорот.

Временски рокови

Огласот за доделување на договор за јавна набавка се објавува на веб страницата на Бирото за јавни набавки и во „Службен весник на Република Македонија“. Роковите се сметаат од денот на испраќањето на огласот за објавување во „Службен весник на Република Македонија“. Бирото и „Службен весник на Република Македонија“се должни да го објават огласот во рок од пет работни дена од денот на приемот. За договори за јавна набавка со проценета вредност над 500.000 евра за стоки и услуги, односно 2.000.000 евра за работи, огласот задолжително се објавува и во Службено гласило на Европската унија или во соодветна публикација достапна на широката меѓународна стручна и друга јавност.  

Договорниот орган задолжително доставува известување за склучен договор до Бирото заради објавување на веб страницата на Бирото во рок од 30 дена по завршувањето на постапката.

Во однос на роковите за доставување на понудите, во Законот за јавни набавки се дефинирани следните рокови:

- при отворена постапка, вообичаениот рок за доставување на понудите е најмалку 52 дена. По исклучок, можни се пократки рокови за случаи дефинирани во Законот за јавни набавки (чл. 64-66).
- при ограничена постапка, вообичаениот рок за поднесување на пријавите за учество (прва фаза од постапката) е најмалку 37 дена. По исклучок, можни се пократки рокови за случаи дефинирани во Законот за јавни набавки (чл.69-70). Договорниот орган избира најмалку пет кандидати до кои упатува барање за доставување на понуди (втора фаза од постапката). Рокот за доставување на понудите не може да биде пократок од 40 дена, освен за случаи дефинирани со Законот (чл. 75-76).
- При постапката за јавна набавка што вклучува конкурентен дијалог, рокот за поднесување на пријавите за учество (прва фаза од постапката) е најмалку 37 дена, освен за случаи дефинирани во Законот за јавни набавки (чл.81). Договорниот орган избира најмалку три кандидати до кои упатува барање за доставување на понуди (втора фаза од постапката). Рокот за доставување на понудите го дефинира договорниот орган.
- При постапката за јавна набавка што вклучува преговарање, рокот за поднесување на пријавите за учество (прва фаза од постапката) е најмалку 37 дена, освен за случаи дефинирани во Законот за јавни набавки (чл.90-91). Договорниот орган избира најмалку три кандидати до кои упатува барање за доставување на понуди (втора фаза од постапката). Рокот за доставување на понудите го дефинира договорниот орган.
- При постапката за јавна набавка со прибирање на понуди на проценет износ на договорот од 5000 до 200 евра, рокот за поднесување на понудите е 14 дена од денот на објавувањето на огласот на веб страницата на Бирото, односно 8 дена од испраќањето на барањето до економските оператори. Доколку износот на договорот е до 5000 евра, тогаш не се објавува оглас.
- При постапката за јавна набавка со конкурс за идејно решение, рокот за поднесување на плановите и проектите е најмалку 35 дена од денот на испраќање на огласот до Бирото и до „Службен весник на Република Македонија“.

Линкови и извори

Законската регулатива и потребните информации во врска со постапките за јавни набавки може да се најдат на веб страницата на Бирото за јавни набавки на Република Македонија (www.bjn.gov.mk)

Огласите за јавни набавки и известувањата за склучен договор се објавуваат на веб страницата на Бирото за јавни набавки на Република Македонија (www.bjn.gov.mk) и во Службен весник на Република Македонија (www.slvesnik.com.mk).