Република Македонија тековно применува пет договори за слободна трговија кои опфаќаат 40 трговски партнери: 27 држави на ЕУ, 4 земји на ЕФТА, 7 членки на ЦЕФТА, Турција и Украина.
Главната цел на склучувањето на Договорите е да се поттикне растот на трговијата помеѓу членките, да се зголемат странските директни инвестиции, да се отстранат царините и нецаринските бариери во меѓусебната трговија и да се постигне поголема транспарентност на трговските политики. |
Република Македонија е потписник на следните договори за слободна трговија кои се во сила:
1) Централноевропски договор за слободна трговија (ЦЕФТА 2006) ЦЕФТА 2006 е потпишан на 19 декември 2006 година во Букурешт, а стапи на сила на 22.11.2007 година. Потписнички на договорот се: Република Македонија, Р. Албанија, Босна и Херцеговина, Р. Хрватска, Р. Молдова, Р. Црна Гора и УНМИК за територијата на Косово. Покрај либерализацијата на трговијата со стоки, ЦЕФТА 2006 отвора простор за зголемена соработка помеѓу нејзините членки и во следниве области: трговијата со услуги, јавни набавки, инвестиции и заштита на интелектуалната сопственост. 2) ЕФТА Договор ЕФТА Договорот е мултилатерален Договор склучен помеѓу Република Македонија и (Швајцарската Конфедерација, Кралството Норвешка, Република Исланд и Кнежевството Лихтенштајн) на 19.06.2000 година во Цирих. Собранието на РМ го ратификува Договорот во ноември 2001 година (Службен весник на РМ број 89/2001), а неговата примена отпочна на 1 мај 2002 година. Со овој Договор се обезбедува асиметричен пристап во одвивање на трговијата со индустриските и земјоделско - прехранбените производи во полза на Република Македонија. Со тоа, македонските индустриски производи се извезуваат слободно без царина на пазарите на ЕФТА државите, за потребите на 12 милиони жители. Од друга страна, трговијата со индустриски производи при увозот од ЕФТА државите во РМ се одвива во различен транзиционен период поединечно за секоја држава на ЕФТА и тоа во период од четири, седум и девет години. Во 10-та година од примената на Договорот, размената во двете насоки ќе се одвива без царина.
3) Договор за слободна трговија меѓу Република Македонија и Украина Договорот за слободна трговија меѓу РМ и Украина претставува правна рамка со која се регулира билатералната трговска соработка меѓу двете земји и се применува од 10 септември 2001 година.
4) Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Турција Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Турција ја регулира трговијата меѓу двете држави и се применува од 1 септември 2000 година.
5) Спогодба за стабилизација и асоцијација Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европските заедници и нивните земји-членки (ССА) е постојната правна рамка која ги регулира односите на Република Македонија со Европската унија. Република Македонија потпиша ССА на 9 април 2001 година во Луксембург, а Спогодбата стапи во сила на 1 април 2004 година. Деловите од ССА кои ги регулираат трговијата и трговските прашања стапија во сила на 1 јуни 2001 година со посебната Времена спогодба за трговија и трговски прашања меѓу Република Македонија и Европската заедница. Со оваа спогодба се обезбеди асиметричен пристап во одвивање на трговијата со индустриските и земјоделско - прехранбените производи во полза на Република Македонија. Со тоа, македонските индустриски производи се извезуваат слободно без царина на пазарите на ЕУ, а трговијата со индустриски производи при увозот од ЕУ предвидено е постепено да се либерализира во период од 10 години. Во 10-та година од примената на Спогодбата (2011 година), размената во двете насоки започна да се одвива без царина. |